Wednesday - 30 July, 2014
 
Infinite Menus, Copyright 2006, OpenCube Inc. All Rights Reserved.
MACEDONIAN CUISINE
 
~ Шарпланински двојник (Донка Цапова - Mississauga, ON)
~ Ладна салата од грав (Донка Цапова - Mississauga, ON)
~ Предјадење од компири (Донка Цапова - Mississauga, ON)
~ Ѓевречиња (Кире Банишки - Toronto, ON)
~ Солен ролат со паштета (Гордана Мишковска-Колева - Brampton, ON)
~ Лазања (со мелено месо) (Дијана Веселиновска - Etobicoke, ON)
~ Лазања (со колбас и јајца) (Дијана Веселиновска - Etobicoke, ON)
~ Пирошки (Дијана Веселиновска - Etobicoke, ON)
~ Васина торта (Марија Банишка - Toronto, ON)
~ Сусамчиња (Горица Јовчевска - Markham, ON)
~ Скопска раванија (Горица Јовчевска - Markham, ON)
~ Сендвич торта (Горица Јовчевска - Markham, ON)
~ Кифлички со сирење (Дијана Веселиновска - Etobicoke, ON)
~ Козињак (Дијана Веселиновска - Etobicoke, ON)
~ Печено телешко месо (Гордана Мишковска-Колева - Brampton, ON)
~ Шкето со јагнешко (Марија Дика - Toronto, ON)
~ Салама од ораси (Гордана Мишковска-Колева - Brampton, ON)
~ Араванија (Гордана Мишковска-Колева - Brampton, ON)
~ Сарма (Весна Огњанова - Ajax, ON)
~ Телешка паштета (Каролина Петковска - Brampton, ON)
~ Баклава (Дијана Веселиновска - Etobicoke, ON)
~ Гибаница (Дијана Веселиновска - Etobicoke, ON)
~ Бурек со месо (Мими - Toronto, ON)
~ Полнети модри патлиџани (Мими - Toronto, ON)
~ Време за сутлијаш (Туѓино Јабано)
~ Некој пости? Повелете на Рибји ѓувеч! (Туѓино Јабано)
~ Перничиња од јунешки шницли (Туѓино Јабано)
~ Тава со пилешко месо (Туѓино Јабано)
~ Вегетаријанска мусака (Туѓино Јабано)
~ Пита или пица? (Туѓино Јабано)
~ Петок е... ден за Тавче гравче! (Туѓино Јабано)
~ Мајсторе, десетка со кромид! (Туѓино Јабано)

Шарпланински двојник (Донка Цапова - Mississauga, ON)
Потребни продукти:
- 120 г. свинско месо
- 80 г. мелено месо
- 1 парче сланина
- 50 г. кашкавал
- 50 г. шунка
- малку рендано сирење
- 1 парче кисела краставичка
- зачини по потреба

Начин на приготвување:
Свинското месо се толчи и врз него се редат кашкавалот, шунката и киселата краставичка кои предходно се сецкаат на листови. Откако месото ќе се наполни со материјалот, добро се затвора и се пече на скара. Потоа од меленото месо со зачините се формира ќофте во јајчеста форма и се завиткува во парчето сланина. Сето ова се пече, а врз двојникот се ренда малку сирење. На здравје и добар апетит!

Ладна салата од грав (Донка Цапова - Mississauga, ON)
Потребни продукти:
- 500 г. грав
- 4 главички кромид
- сол
- дафинов лист
- неколку страка млад кромид
- неколку чешниња лук
- масло
- оцет
- гранче нане

Начин на приготвување:
Гравот се вари, но зрната да останат цели. Потоа се цеди од водата и се меша со сечениот кромид (стариот и младиот) на што се додава ситно сецканиот лук, малку црвен пипер, масло и оцет. Се служи украсено со листови нане, предходно добро изладена. На здравје!

Предјадење од компири (Донка Цапова - Mississauga, ON)
Потребни продукти:
- 4 големи компири
- сол
- путер
- црн пипер
- 4 тврдо варени јајца

Начин на приготвување:
Компирите се сечат водорамно на два дела, се длабат, се редат во подмачкан плех и се печат во загреана рерна. Се вадат од рерна, во длабината се додава путер и се посолуваат. Се става половино варено јајце, се посолува, се става црн пипер и малку путер и се враќаат во рерна. Може да се стави врз јајцето и рендан кашкавал што му дава попикантен вкус. Се сервира со павлака и се јаде.

Ѓевречиња (Кире Банишки - Toronto, ON)
Потребни продукти:
- 1 кг. брашно
- 1 стасан квасец
- 1 лажиче сол
- 1 лажиче шеќер

Начин на приготвување:
Брашното, квасецот, солта и шеќерот се замесуваат со вода за да се направи средно меко тесто, кое потоа се дели на 12 еднакви делови. Од секој дел се обликува по едно ѓеврече.
Се вари еден литар вода со три лажици мед. Во зовриената вода се спуштаат ѓевречињата. Штом се кренат над водата, се вадат со решеткаста лажица, се валкаат во доста сусам, се редат во намастена тепсија и се печат на појак огон за да поруменат.
Препорачуваме да се јадат веднаш со овчо сирење или со џем од кајсии.
На здравје!

Солен ролат со паштета (Гордана Мишковска-Колева - Brampton, ON)
Еве еден рецепт што се приготвува многу брзо и лесно, така што можат и мажите да ја приготват. Воедно е многу вкусна и изгледа интересно. Се надевам дека ќе ви се допадне. Потребни продукти:
- 1 долг француски леб
- 2 jajцa
- 1 поголема паштета (100 г.)
- 2-3 кисели краставички
- 2-3 мали моркови

Начин на приготвување:
Најпрво се сечат краивчињата на лебот. Краивчињата се оставаат на страна затоа што не се употребуваат. Потоа лебот се сече на 3 еднакви дела и со нож се вдлабува за да се извади средата и 3-те дела да останат скоро на корка.
Се варат јајцата тврдо. Морковите се обаруваат колку да омекнат. Кога се сварени се сечат на ситно јајцата, морковите и краставичките.
Во вангла се дроби средата од лебот, и се додаваат паштетата, морковите, jajцaта и краставичките. Се’ се меша убаво. Потоа со лажица се пополнува корката од лебот со направената смеса.
Се завиткува во целофан и се става во фридижер.
Пред да се сервира, се сече на парчиња кои изгледаат како кругови.
Пријатен апетит.

Лазања (со мелено месо) (Дијана Веселиновска - Etobicoke, ON)
Потребно е:
- 500 г. лазања кори
- 500 г. мелено месо
- 400 г. кашкавал
- 800 мл. кечап
- 150 г. сос за шпагети
- 2 големи лажици масло
- 2 чешниња лук
- 1 мало лажиче сол
- 1 мало лажиче шеќер
- 1 лажиче оригано
- малку пипер

Приготвување:
Прво се приготвува сосот од месото со сите состојки, на следниов начин:
Се става маслото во подлабоко тенџере, се потпржува меленото и му се додаваат сите наведени состојки, се меша добро да не запече. Сосот треба да биде густ, така да кога ќе се помине со лажицата на дното од тенџерето да остави трага и тоа е знак дека сосот е спремен.
Во меѓувреме се варат лазањите (во вода, со малку масло и сол) да омекнат околу 10-15 мин., па се ладат во ладна вода.
Во тава 22x33 cм. се редат прво лазањата, па еден ред сос, рендан кашкавал, па повторно лазања, сос, кашкавал и така се’ додека не се потрошат сосот и лазањите, а и последната лазања мора да биде со сoс и кашкавал.
На крајот се покриваат со фолија и се печат 30 минути на 180C (или 350F).

Лазања (со колбас и јајца) (Дијана Веселиновска - Etobicoke, ON)
Потребно е:
- 400 г. лазања кори
- 3 колбаси
- 6 јајца варени (сецкани)
- 500 г. бело сирење
- 170 г. парчиња кашкавал
- 50 мл. сирење во прав (крафт)
- 250 г. сецкани печурки
- 800 мл. кечап
- 2 големи лажици маргарин
- 2 чешниња лук
- малку пипер

Приготвување:
Се чистат колбасите од лушпата, се сецкаат и се пржат, па се додава кечапот, лукот и пиперот.
Од кога сето тоа ќе се испржи, се остава 15 мин. отскриено.
Печурките се пржат во маргаринот и при пржењето се додава претходно испрженото месо и од кога се’ е добро запржено, се трга настрана.
Во меѓувреме се варат лазањите (во вода, со малку масло и сол) да омекнат околу 10-15 мин., па се ладат во ладна вода.
Во тава 22X33 cм. се редат 1/3 лазањи, 1/3 од сосот, па 500 г. бело сирење. Потоа повторно 1/3 од лазањите, 1/3 од сосот, па јајцата со 170 гр. парчиња кашкавал и последната третина од лазањите и остатокот од сосот. Најгоре се додава сирењето во прав и покриено со фолија се става да се пече на 180C или 350F степени, само 30 минути.

Пирошки (Дијана Веселиновска - Etobicoke, ON)
Потребно е:
- 50 г. квасец
- 1 лажица брашно
- 2 жолчки
- 50 г. маргарин
- 1 лажиче сол
- половина литар млеко
- малку сол
- малку шеќер

За филот:
- 500 г. рендан кашкавал
- 500 г. салама (мартадела) сецкана на мали коцки
- 500 г. кечап, или сос за шпагети
По желба можат да се додадат и други работи како: печурки, сирење, маслинки итн.
(Сите овие состојки се мешаат во еден длабок сад).

Приготвување:
Квасецот се раствора со 3 лажици топло млеко, малку сол, малку шеќер.
Се бијат две жолчки со 1 лажиче шеќер, се додава стасаниот квасец, размешаниот маргарин, па му се додава млако млеко и брашно.
Тестото се меша со лажица додека се појават меурчиња, потоа се меша со раце и се остава на топло да скисне тестото.
Кога се’ е готово, на масата која е попрскана со брашно се тура тестото и се меша повторно и се шири со сукало (или оклагија дебела половина см).
Тестото се сече со чаша или со калапчиња за пирошки, кои се полнат со филот.
По 1 голема лажица не преполнета од филот (ако ги сечете со чаша тогаш ќе го преклопите тестото да добиете месечина и со вилјушка ќе ги притискате краевите).
Потоа се пржат во врело масло (потребно е масло исто како за пржење компири).
Се пржат од двете страни додека не заруменат, се вадат, се цедат од маслото и се сервираат по избор, топли или ладни.

Васина торта (Марија Банишка - Toronto, ON)
Потребно:
- 9 јајца
- 13 лажици шеќер
- 1 лажица брашно
- 6 полни лажици мелени бадеми (или ореви)
- 125 мл. млеко
- 200 г. мелени ореви
- 1 портокал
- 100 г. темна чоколада
- 250 г. путер
- 250 г. шеќер

Приготвување:
Се матат 5 белки и им се додаваат 5 полни лажици шеќер. Потоа се додаваат едно по едно 5 жолчки. Се продолжува со матењето и на крај им се додава 1 лажица брашно и 6 полни лажици мелени бадеми или ореви. Тестото се пече на намастена хартија во тавче (број 28).
125 мл. млеко со 4 лажици (шеќер) се става на оган да зоврие. Потоа му се додаваат 200 г. мелени ореви. Се меша добро, се трга од оган и се остава да се излади. Посебно се матат 4 жолчки со 4 лажици шеќер. На оладените ореви се додаваат матените жолчки, рендана кора и сок од еден портокал и 100 г. растопена темна чоколада. Посебно се мати 250 грама путер и кога е готово се меша со оревите и јајцата. Со оваа смеса се премачкува тортата.
Од белките се прави густ снег и во него се додава тогаш сварен густ шербет од 250 грана шеќер со 2 чаши вода. Со снегот се премачкува тортата од сите страни да стане комплетно бела. Од горе се украсува со шприц.
Кога е тортата готова, потребно е да постои неколку саати во фрижидер.
И важно е да се внимава на гостите да им се сече по малку, за да остане повеќе за домаќините.

Сусамчиња (Горица Јовчевска - Markham, ON)
Еве еден рецепт кој што можете брзо да го подготвите, бидејќи овде сме презафатени и немаме време да губиме за нешто покомплицирано.

Потребно e:
- 1/2 кг. сусам
- 1/2 кг. локум
- желе бонбони

Приготвување:
1/2 кг. сусам се испржува на суво, потоа се додава 1/2 кг. локум и се меша се додека се олади.
Кога ќе се олади се расплескува кора и на крајот од кората се става ситно исецкани желе бонбони и се мота како ролат и се сече на парчиња.

Скопска раванија (Горица Јовчевска - Markham, ON)
Потребно e:
- 6 јајца
- 1 шолја шеќер
- 3 шолји гриз
- 1 пециво
- 1 лимун (само изрендана кора)
- 1 лажица сок од лимун
- 1 шолја (за канадско кафе) ситно исецкани ореви

Приготвување:
Сите овие состојки се мешаат и смесата се пече. Се попарува со шербет приготвен од 5 шолји вода и 4 шолји шеќер (но да не биде многу варен како за баклава), со тоа што шербетот треба да е врел, а раванијата млака.

Сендвич торта (Горица Јовчевска - Markham, ON)
Се надевам дека на нашите македонски домаќинки ќе им се допадне овој рецепт кој што ќе го послужат како предјадење за нивните гости, а кој што се подготвува многу брзо.

Потребно e:
- 2 кг. мајонез
- 2 кг. леб за тост (еден бел и еден црн леб)
- 2 пакетчиња крем сирење 'Filadelfia'
- 1 конзерва грашок
- 1 конзерва свинска шунка
- 1 конзерва туна риба
- маргарин

Приготвување:
Секое парче црн леб со нож му се исекува корката (останува само средината) и со маргарин се премачкува секое парче. Во послужавник прво најдолу за декорација се ставаат листови од зелена салата, па се исполнува еден ред со намачканите парчиња леб, а потоа се става слој од претходно измешана шунка, грашок, туна и крем сирење. Потоа се реди втор слој, па најгоре се филува целата сендвич торта со мајонез и се декорира по ваш вкус со крукчиња варени јајца, кисели краставички, маслинки, црвен патлиџан... Замислете си сами како би ја украсиле оваа торта по ваш вкус.
Се сервира како предјадење. Не ви се потребни други мезиња за гости, бидејќи ова доста заситува. И внатре има многу работи.

Кифлички со сирење (Дијана Веселиновска - Etobicoke, ON)
Потребно e:
- 1 кг. брашно
- 1 маргарин (250 г.)
- пола литар млеко
- 2 квасци пресни (по можност, но може и сув квасец)
- 3 јајца
- 3 финџали масло
- 3 лажички шеќер
- 2 лажички сол
- ким и сусам (по желба)

Приготвување:
Двата квасци се ронат во едно тенџере, се додаваат 3 лажички шеќер, 2 лажички сол, малку млако млеко од половината килограм се раствора потоа се додаваат 8 лажици брашно и остатокот од млакото млеко.
Се остава да кисне и се покрива со капак и крпа или ќебe.
Од кога ќе збувни тестото, се додаваат три биени јајца. 3 финџали масло и брашно колку да биде меко тестото месено... И пак го оставате да кисни, па од кога ќе збувни тестото се меша и се дели на 2 еднакви дела. Двата дела се делат на по 6 еднакви дела и ќе добиете 12 пупалиња и потоа пак се оставаат да киснат покриени додека не се исуши тестото.
Потоа од секое пупале се шири тркалезна кора колку една чинија и се сече на 12 еднакви дела прво накрст (така ќе добиете 4 дела) па од секој дел по 3 еднакви дела.
Над секој дел се става дробено бело сирење со јајце и се витка како кифла од поширокиот дел кон ќошето. Тоа ќоше мора да дојде да лежи на тавата (а не горе) за да не се отворат кифлите.
Се редат на тава кифличките и се подмачкуваат со четче со две биени жолчки и по желба од горе се става сусам или ким.
Кога се веќе наредени кифличките во тавата се зема маргаринот и едно ноже се засечкува од маргаринот и по мало деланче се става на секоја кифла така да ако имате 2 тави со кифлички маргаринот го делите на два дела (за да ви стигне за секаде) и се стават во загреана рерна на 200C и се печат се додека кифличките убаво не заруменат.
Од кога ќе се оладат, можете да ги јадете, или да ги ставите во замрзнувач (убаво затворени во најлонче или пластична кутија).

Козињак (Дијана Веселиновска - Etobicoke, ON)
Потребно e:
- 500 мл. млеко
- 6 јајца
- 1 лажица сало
- 1 неполна шолја масло
- 1 шолја шеќер
- 1 ванилин шеќер
- 250 г. Суво грозје (натопено во малку млеко)
- 2 лажици рум
- 1 свеж квасец (ако нема свеж, може замена и со сув)
- Рендана кора од 1 лимун
- Половина пакетче пециво
- Половина кафена лажичка сол

Приготвување:
Се прави тесто од млекото (млако), 1 лажиче шеќер, 1 квасец, половина лажичка сол и 3 големи лажици брашно, па сето тоа се остава да кисне.
Откако ќе скисни (збувни), се додаваат 6-те јајца (претходно избиени), 1 лажица сало, шеќерот, маслото, сувото грозје (кое претходно било ставено во млеко за да омекни), кората од лимун, румот, пецивото и ванилиниот шеќер, па се меси со брашно (на меко) и ќе добиете мека смеса која што нема многу да се лепи, но нема тестото да биде ниту тврдо. Потоа повторно се остава тестото да скисни (збувни), па уште еднаш се размешува и повторно се остава да кисни.
Тестото сега се меси и се дели на два еднакви дела, а од двата дела секој дел се дели на три еднакви дела и на тој начин ќе добиете 6 дела од цело тесто. Од секој дел се прави сукалче и потоа од три сукалчиња се прави плетенка и истото потоа се прави и од останатите три сукалчиња.
Двете плетенки се ставаат на алуминиумска книга, во подмачкан плех (одвоени една од друга) и се оставаат повторно да киснат, па се премачкуваат со жолчка од јајце и се печат во претходно загреана рерна на 250С степени.
Кога ќе ги ставите козињаците во рерната, веднаш намалете ја температурата на 150С степени и се печат 45 минути. Козињакот потоа се остава да се олади и се јаде со млеко, или по ваша желба. Исто така, козињакот може и да се замрзне, во убаво затворено најлонче.

Печено телешко месо (Гордана Мишковска-Колева - Brampton, ON)
Потребни продукти:
- 1,5 кг. телешко месо
- 700 г. компири
- 4 мали главици кромид
- 2 црвени патлиџани (домати)
- 1/4 шолја путер
- 5 супени лажици црвено вино
- 5 супени лажици зејтин
- 4 стебленца целер
- малку исушен розмарин
- малку магдонос
- 1 кафена лажичка црвен пипер
- 1 кафена лажичка сол
- малку црн пипер

Начин на приготвување:
Месото се премачкува со сол, црвен пипер, црн пипер и зејтин, од сите страни. Потоа во тавче или земјена тава се става месото и розмаринот. Се сечат компирите на парчиња (претходно излупени и измиени) и целерот исечен на ситно и се додаваат на месото. После се додаваат доматите (излупени и исечени на парчиња) и магдоносот. На крај се додаваат путерот и виното и се става во рерна да се пече на 350 степени, за околу 2 и половина саати.
Пријатен апетит.

Шкето со јагнешко (Марија Дика - Toronto, ON)
Ми се допаѓа вашата рубрика со македонски рецепти, па еве и јас да ви предложам еден добар и вкусен македонски специјалитет.

Потребно е:
- 500 г. Јагнешко месо, исечено на парчиња (по можност од Ontario)
- 1 главичка кромид
- 2 моркови
- 2-3 струкчиња млад кромид
- 2-3 китки италијански магдонос (затоа што е поароматичен)
- 1 лажица брашно
- вегета
- бибер
- сол

Подготовка:
На 2-3 лажици загреан зејтин се пропржува јагнешкото месо, од сите страни за да зацрвени. Додајте го ситно исецканиот кромид и морковите и динстајте околу 10 минути, внимавајќи да не загори. Кромидот треба да се карамелизира. Додајте го белиот дел од младиот кромид, ситно исецкан и динстајте околу 5 минути, па потоа додајте го и зелениот дел од кромидот. Пропржете се’ заедно околу 5 минути.
Магдоносот измиен, исечете го ситно како за салата и ставете го во месото и кромидот. Залијте со малку вода, колку да се покрие месото. Оставете да зоврие и на тивка температура да се вари додека не се свари месото (околу 30 минути).
Во мала чаша со вода додајте го брашното, вегетата, солта и биберот, измешајте со лажица и ставете во тенџерето со месото. Оставете да врие заедно  додека се згусне сокот, околу 5 минути.
Се служи топло.
Варијација: Може да се додаде и малку спанаќ со магдоносот.
Добар апетит.

Салама од ораси (Гордана Мишковска-Колева - Brampton, ON)
Потребни продукти:
- 3 шолји за бело кафе мелени ораси
- 3 штангли изрендано чоколадо за готвење
- 1 јајце
- малку каранфил
- цимет
- 1 шолја шеќер во прав
- шеќер во прав за посипување

Начин на приготвување:
Мелените праси, шеќерот во прав, три штангли изренданото чоколадо за готвење, 1 јајце, малку каранфил и циметот за мирис се мешаат во вангла за да се добие хомогена смеса. Потоа смесата се става на голема даска и се витка во вид на салама. Се зема пергаментна хартија и откога саламата ќе се посипе со шеќер во прав, се завиткува во хартија и се чува на ладно место.
Пред да се сервира, се сече на мали парчиња.

Араванија (Гордана Мишковска-Колева - Brampton, ON)
Потребен материјал:
- 6 јајца
- 12 лажици шеќер
- 5 лажици брашно
- 25 лажици гриз
- 1кг. шеќер
- изрендана кора од лимон

Начин на приготвување:
6 јајца, се матат до 6 лажици млака вода и 12 лажици шеќер. Потоа се ставаат 5 лажици брашно и се мешаат со лажица, па 25 лажици гриз и пак се мешаат со лажица. На смесата може да и се стави изрендана кора од лимон за мирис. Се пече на загреана рерна додека не добие убава жолта боја. Кога ќе истине се сече на ромбоиди.
Во исто време се прави шербет од 1 кг. шеќер и 800 мл. вода. Кога шербетот е доволно густ се става на страна малку да се излади и во него по желба се става сок од пола лимун или ванила.
Потоа се прелива араванијата со шербетот. Араванијата треба да е ладна, а шербетот малку топол.

Сарма (Весна Огњанова - Ajax, ON)
Најпознатото mакедонско национално јадење е САРМАТА. Таа денес е се’ поприсутна на нашите трпези и во зависност за каква пригода се припрема, може да биде свечено јадење, предјадење или пак главно јадење.

Потребен материјал:
- 1 главица зелка
- 500гр. Мешано мелено месо
- 200гр. сланина
- 100гр. ориз
- 1 главица кромид
- магдонос
- масло за јадење
- сол, црн пипер, вегета

Начин на приготвување:
Главицата зелка ја засекуваме кај кочанот (тврдиот дел) и ја ставаме во тенџере со зовриена вода да се вари се додека не омекене. Потоа со решеткаста лажица се вади и се става на чинија.
На оган ставаме тава со масло за јадење да се загрее. Главицата кромид ситно се сецка и се става во тавата да се попржи. Потоа во тавата го додаваме меленото месо и промешуваме. Кога малку ќе се запржи месото, се додава измиениот ориз и пак промешуваме. На крајот се додава сол, црн пипер и вегета и пак се промешува. Магдоносот ситно го сецкаме и го додаваме во таватa. Потоа тавата се трга на страна.
Земаме еден од листовите од омекнатата зелка, ставаме малку од филот и се замотува сармата. Готовите сарми се редат во огноотпорен сад. Вака се прави додека да се потроши целиот фил. Ако ни останале листови зелка, тие се сечат и се редат врз сармите. Врз сармите ги редиме и парчињата сланина. Додаваме малку вода и ставаме сармите да се потпечат на 175С, околу 60 мин. Пред да се извадат сармите може да се направи и тенка запршка.
Напомена: ова е мрсна сарма, но може да се припрема и посна сарма на тој начин што наместо мелено месо се ставаат мелеми и сечени ореви и нормално сланината се отфрла.
Се сервира со Македонско црвено вино.
Bon Apetit!

Телешка паштета (Каролина Петковска - Brampton, ON)
Овој рецепт верувам дека ќе им се допадне на вредните домаќинки. Брзо се приготвува и е многу вкусно предјадењe (салата).

Потребен материјал:
- 1 кг. телешко месо
- 6 компири
- 6 моркови
- 3 главици кромид
- 1 супена лажица зачин ”Дафинка” или ”Вегета”
- 1 супена лажица сол
- 250 мл. мајонез
- малку црн пипер (бибер)
- сенф по вкус

Начин на приготвување:
Наведените состојки се мијат, лупат и ставаат да се варат во лонец со вода, зачинета со зачин и сол. Се варат се додека месото не се свари добро. Се цедат од водата, а потоа се мелат во машина за мелење месо. Во мелената смеса се додава мајонезот (250 мл), но може и повеќе да се додаде, во завсиност од индивидуалниот вкус на домаќинката што го подготвува овој рецепт. Се додава малку сенф и црн пипер(бибер) и добро се меша целата смеса. Се сервира во длабока чинија и се премачкува со мајонез.

Баклава (Дијана Веселиновска - Etobicoke, ON)
Потребно е:
- 500 г. тенки кори
за филот:
- 250 г. маргарин
- 180 г. шеќер
- 2 лажици супени гриз
- 3 јајца
- 300 г. ореви (пола да се мелени, пола кршени)
- 100 г. суво грозје
- 2 супени лажици рум
- половина рендана кора од лимун
- половина супена лажица брашно од рогушки (не е неопходно)
- 1 ванилин шеќер
- 150 г. масло
за шербетот:
- 1 кг. и 400 г. шеќер
- 900 мл. вода
- 1 ванилин шеќер

Начин на приготвување:
Се бијат со миксер јајцата и шеќерот додека убаво не згусни, па се додава маргаринот и се бие пак убаво за да се разреди. Потоа мешајќи ги додавате гризот, мелените и кршените ореви, рогушките (доколку успеете да најдете, а инаку не е неопходно), ренданата кора од лимун, ванилиниот шеќер и на крај сувото грозје кое го потопувате претходно во рум, па сето тоа добро измешајте го.
Корите се редат во подмачкана тава (правоаглеста со големина како корите), по систем - ред кора, па попрскувате ред масло. И се’ така наизменично додека не потрошите половина од корите, па потоа го ставате филот (убаво го разредувате насекаде и потоа истата постапка ја повторувате со останатите кори (ред кора, па попрскувате масло) се’ до крајот. Најгоре мора повторно да се попрска масло.
Баклавата се сече по должина на тавата (на 3 еднакви дела), па обратно (на 6 еднакви дела) и на тој начин добивате коцки. Потоа секоја коцка посебно се пресекува во двете насоки (за да добиете помали коцки), или еднаш дијагонално (доколку сакате триаголници). Така сечената баклава ја ставате да се пече во рерна која е предходно загреана на 240 степени и се пече додека не зарумени од горе.
Во меѓувреме го припремате шербетот.
Шеќер (1400 г.) и 1 ванилин шеќер се ставаат во 900 мл. вода и се вари и меша додека не почне да врие и да се згусни. Потоа само малку да поврие (околу 4 мин.) и го тргате од огнот настрана за да се олади (колку да можете да издржите 10-тина секунди да го ставите малото прсте) и потоа со така приготвениот шербет ја попаруватe баклавата и ја оставате да преноќи.
Уживајте и добар апетит!

Гибаница (Дијана Веселиновска - Etobicoke, ON)
Потребно е:
- 250 г. тенки кори
- 400 г. мелено месо (телешко)
- 3 главици кромид
- 1 павлака или јогурт (густ, по можност овчи)
- 2 јајца
- 1 супена лажица вегета
- Масло
- црн пипер
- сол

Начин на приготвување:
Во тавче ставете масло 3-4 лажици (колку за запршка) да се загрее и ситно исецкан кромид го пржите додека не зарумени малку. Потоа му го додавате меленото месо, го дробите со вилјушка и го пржите. Кога ќе се испржи месото, му додавате 1 лажица вегета, малку црн пипер, го измешувате сето тоа и потоа го тргате на страна околу 5 минути за да се олади малку.
На оладеното месо му се додаваат 2 јајца, павлака или овчи јогурт и сето тоа заедно го мешате за убаво да се разреди.
Во еден филџан за кафе ставете масло, земете едно мало лажиче за кафе и по можност земете правоаглеста тава во големина на корите, но ако немате, тогаш може и тркалезна (ама да не е многу мала). Ја подмачкувате со масло тавата (убаво и насекаде), па редите ред кора и ред попрскувате масло со лажичето. На тој начин, ред кора, па ред масло продолжувате се’ додека не потрошите половина кори. Сега зајрето, односно месото што го припремивте, го ставате над корите и потоа повторно ред кори, па ред попрскувате масло над кората и се’ така додека не ги наредите сите кори. Најгоре, на последната кора попрскувате повеќе масло отколку на претходните. Треба да внимавате да не се употреби помалку од половина фолџан масло, но и не повеќе од еден филџан за гибаницата да не биде многу мрсна. Сето тоа го ставате во загреана рерна на 240 степени и се пече се’ додека не поцрвени кората од горе.

На сличен начин се приготвува и гибаница со сирење.
Јајцата ќе ги изматите и додајте им дробено сирење и павлака или јогурт. Измешајте го сето тоа убаво и потоа ги редите корите на ист начин како и гибаницата со месо. Наизменишно ставате кора и попрскувате со масло додека не се потрошат половина од корите, па го турате зајрето (дробеното сирење) и потоа пак со корите и попрскување на масло, додека не ги потрошите сите кори. Печењето е на ист начин.

За оној што е мераклија на гибаница со сирење и спанаќ, начинот на приготвување е идентичен, само што спанаќот мора убаво да се измие (лист по лист), па ситно исецкан се пржи во малку масло. На истите состојки со сирењето само се додава спанаќот и натаму е се’ исто.

Бурек со месо (Мими - Toronto, ON)
Потребно:

- 1/2 кг. готови кори,
- 1/2 кг. мелено телешко месо,
- 1 чаша јогурт,
- 3 до 4 јајца,
- 1 чaша масло,
- 1 главица кромид,
- сол,
- 1 чаша кисела вода

Подготовка:
Исечете го кромидот и запржете го на загреано масло. Во кромидот ставете го меленото месо, посолете го и добро измешајте го, но не го прежете. Во подмачкана тепсија редете 3 до 4 кори, премачкајте ги со месо и така се по ред додека не ги потрошите корите и филот. Наредениот бурек исечете го на коцки и прелијте го со следниот прелив: изматете ги јајцата, додадете го јогуртот, киселата вода и маслото и сето тоа добро имешајте го. Со подготвениот прелив натопете го бурекот и оставете да стои 10 до 15 минути. Печете го во добро загреана рерна.

Полнети модри патлиџани (Мими - Toronto, ON)
Потребно:

- 10 модри патлиџани
- 250 гр. овчо срирење
- 6 јајца
- масло
- сол
- магдонос

Подготовка:
Измијте ги патлиџаните, исечете ги дршките и ставете ги да се варат се додека не омекнат. Патлиџаните извадете ги од врела вода и веднаш налејте ги со студена вода. Кога патлиџаните сосема ќе се оладат пресечете ги на половина по должина, извадете го семето така да остане еден дел од кората. Земете тава, намачкајте ја со масло и наредете ги еден до друг, така да вдлабнатата страна стои нагоре. Сирењето испасирајте го, додајте 6 жолчки, ситно сецкан магдонос и посолете. Направете снег од 4 белки, измешајте го со сирењето и полнете ги патлиџаните, а во секој патлиџан ставете по една лажица масло. Ставете ги во рерна и печете ги на тивок оган. Се служат како предјадење.

Време за сутлијаш (Туѓино Јабано)
Веруваме дека многу одамна не сте приготвиле сутлијаш, иако секогаш сте го сакале. Еве рецепт за оние што одамна заборавиле како се приготвувал овој некогаш многу популарен десерт.

Потребни состојци:
- 1 шолја (од 250 мл., рамно наполнета) ориз
- 800 мл. млеко
- 200 мл. вода
- 100 г. шеќер (количеството по желба се зголемува или намалува)
- мелен цимет

Подготовка:
На тивок огон (со постојано мешање за да не загори), се варат млекото, водата и оризот, се’ додека оризот не биде сварен. Потоа се става шеќерот и се продолжува со варење додека не се добие саканата густина. Не се препорачува сутлијашот да биде многу густ, затоа што тој и отпосле губи течност и се суши.
Варениот сутлијаш се тура во адекватни садови и се остава да се излади. Пред сервирање се попрскува со мелен цимет.

Многу е битно откако ќе се проба сутлијашот, да се рече:
Ммммм...! Алал нека им е на овие од Туѓино Јабано за рецептов!:)

Некој пости? Повелете на Рибји ѓувеч! (Туѓино Јабано)
Во периоди на постење, покрај многу овошје, зеленчук, посни колачи, тестенини без јајца и уште многу други нешта, веруваме дека често се консумира и риба.
Покрај стандардното и најчесто приготвување на рибата (пржење во масло, а претходно нели валкање на парчињата риба во брашно), би било убаво понекогаш да се подготви некое посложено, но и многу повкусно јадење.
Едно такво деликатесно јадење е и рибјиот ѓувеч.

Потребни состојци:
- 2 кг. било каква поголема слатководна риба
- 1,5 кг. кромид (многу ситно исецкан)
- 2 главици лук (едната главица ситно исецкана)
- 100 мл. масло
- 100 г. мелени пиперки (благи)
- 50 г. сецкани пиперки (лути)
- сол
- бибер во зрно (50-60 зрнца)
- ловоров лист
- 1 китка сецкан магдонос
- 5 супени лажици кечап
- 1 лимун
- 2 дл. бело вино

Подготовка:
Рибата се чисти, убаво се мие и се сече на покрупни парчиња. Потоа се посолува и се попрскува со лимуновиот сок, па се остава така да стои еден саат.
Во меѓувреме, во маслото го пржиме кромидот додека не зацрвени, па додаваме вода колку кромидот да се покрие и со повремено мешање чекаме кромидот убаво да омекне. Потоа кромидот го ставаме во 5-литарско тенџере со околу 3 литри вода. Откако водата ќе зоврие, ги додаваме уште слатките мелени пиперки, една главица ситно исецкан лук, една главица со цели чешниња лук, сол, бибер во зрно и кечап. По неколку минути (кога водата повторно ќе почне да врие) ги ставаме и парчињата риба (заедно со главата).
Целата оваа содржина сега се вари на тивок огон (важно е да биде на тивко за рибата да не се превари) и повремено мешаме на тој начин што тенџерето вртејќи го во кругови го навалуваме на сите страни. По 15-тина минути ги додаваме и лутите сецкани пиперки и ловоровиот лист и потоа оставаме да се вари уште нови 15-тина минути.
Дека јадењето е готово ќе знаеме по тоа што кромидот треба да е сосема изварен и речиси нема да се забележува. Неколку минути пред крај се додава уште и белото вино и ситно исецкан магдонос.

Да! Знаеме дека ви изгледа гломазно, тешко, макотрпно, вакво и онакво, ама ќе го паметите денот кога сте не’ послушале и сте го направиле ова јадење.
Не знаеме дали 'по добро' или 'по лошо', но сигурно ќе го паметите!

Перничиња од јунешки шницли (Туѓино Јабано)
Повторно ви нудиме рецепт за многу вкусно јадење. Најдобро е да се приготвува за викенд кога обично се има малку повеќе време.

Потребни состојци:
- 500 г. јунешки шницли
- 50 г. сланина
- 150 г. ориз
- 100 мл. павлака
- 20 г. брашно
- 1 јајце
- 8 лажици масло
- магдонос
- една лажица мешан зачин
- црн бибер

Подготовка:
Јунешките шницли се толчат со толчник за месо. На масло се пропржува ситно исецкана сланина, а потоа се додава полуварен ориз и се зачинува со зачинот, црниот пипер и магдоносот. Шницлите од горе се филуваат со смесата на тој начин што се покрива само едната половина (за да може со другата страна да се преклопи). Шницлите се затвараат со чепкалки од страните, се валкаат во брашно и се пржат на масло. Кога шницлите ќе омекнат, се прелеваат со павлака и веќе се подготвени за сервирање.

Гарнирот ќе го одберете самите, ама ние сепак ќе ви препорачаме печени компири и кромитчиња.
Ви препорачуваме да подготвите и една грчка салата (од два патлиџани, една краставица, половина црвен бучимски кромид, една зелена пиперка, две варени јајца, 150 г. старо овчо сирење, 15 маслинки, сол и маслиново масло).
И за крај ви препорачуваме и со консумирање на салатата да започнете уште пред ручекот и тоа со чашка мастика како аператив. Значи не узо, туку мастика. А претпоставуваме дека не ја знаете разликата меѓу мастика и узо. Па разликата е во тоа што мастиката се подготвува со природен анасон, а узото со вештачки анасон.
На здравје!:)

Тава со пилешко месо (Туѓино Јабано)
Има една голема опасност доколку со ова јадење пречекате гости. Ќе ве раскажуваат наоколу, па потоа нема да можете да кренете глава од гости!:) За ова прекрасно јадење ќе употребиме комбинација на пилешки копани и пилешки гради.

Потребни состојци:
- 1 кг. пилешки копани
- 1/2 кг. пилешки гради
- 500 г. сецкани шампињони
- 1 главица кромид
- 1/2 кг. рендан кашкавал
- 400 мл. павлака
- 250 мл. млеко
- масло
- брашно
- сол
- мешан зачин
- магдонос

Подготовка:
Ќе започнеме со варење на пилешкото месо, кое потоа се чисти од коските и се сече на поголеми парчиња. Главицата кромид ситно се сецка и се пропржува во загреано масло заедно со печурките. Во земјена тава најпрвин се реди 1/3 од пилешкото месо, потоа 1/2 од печурките, малку мешан зачин и магдонос. Врз сето тоа се ренда половина од кашкавалот и се премачкува со 150 мл. павлака. Уште еднаш се повторува редењето, по истиот редослед (1/3 од месото, остатокот од печурките, мешан зачин, магдонос, остатокот од кашкавалот, 150 мл. павлака). Потоа на масло се пропржуваат две лажици брашно и се додава 250 мл. млеко. Оваа смеса се истура преку целата тава. Последниот слој се реди со преостанатото месо. Се пече околу 40 минути на 200 целзиусови степени. Откако ќе се извади тавата од рерна, треба малку да се олади и потоа се премачкува со остатокот од павлаката.

Се служи со сезонска салата, а ви препорачуваме и било какво (бело или црвено) суво вино.

Знаеме дека ова ви изгледа дека е малку посложен рецепт, но така е само на прв поглед. Инаку едноставен е за приготвување.

Вегетаријанска мусака (Туѓино Јабано)
Туѓино Јабано има нешто што може да им препорача и на оние што консумираат вегетаријанска храна. За нив нудиме малку невообичаено јадење за една македонска кујна, но затоа пак е многу вкусно. Вреди да се подготви!

Потребни состојци:
- 750 г. компири
- 1 главица кромид
- 500 г. шампињони
- 200 г. кисела павлака
- 2 жолчки од јајце
- масло
- сол
- мешавина од зачини (зачинал, или дафинка, или вегета, или било што слично)
- ситно исецкан магдонос

Подготовка:
Компирот се вари со лушпа, а потоа се лупи и се сече во кругови со дебелина од околу 4 мм.
Во загреано масло се пропржува ситно исецкан кромид заедно со шампињоните исечени на ливчиња. Кога шампињоните ќе омекнат, истите се посолуваат, се додава мешавината со зачини, биберот и исецканиот магдонос.
Потоа, во подмачкан огноотпорен сад се става еден ред компири, па ред шампињони, па повторно наизменично компири и шампињони, со тоа што на крај треба да се заврши со компир. Секој ред по желба може да се попрска со малку масло.
На страна се мешаат жолчките и павлаката, па со добиениот сос се прелива мусаката која што потоа се пече во рерна.
Па и не им била многу лоша храната на вегетаријанците!:)

Пита или пица? (Туѓино Јабано)
Замислете дека меѓу мажот и жената, во едно саботно претпладне започнала кавга. Жената за ручек тој ден сака пита, а мажот сака пица. И има ли решение? Секако! Решението е во рецептот на Туѓино Јабано, наречен ’Пица-пита’.

Потребни состојци:
- 500 г. кори за пита
- 300 г. ситно исецкана салама
- 200 г. рендано овчо сирење (не многу солено)
- 150 г. сецкани шампињони
- Кечап
- Оригано
- Сусам

Подготовка:
Корите се делат на два дела за да се добијат два ролата.
Секоја кора се премачкува со малку кечап и врз кечапот се става по мала количина од претходно направената смеса од сецкана салама, сирење, шампињони и оригано. Кога ќе се направи истото со сите кори, сето тоа се замотува во ролат, кој од горе се премачкува со многу тенок слој кечап, а потоа се попрскува и со сусам.
Истата постапка се применува и со другата половина од корите.
Ролатите се печат во добро загреана рерна и кога ќе бидат готови се сечат на малку подебели кругови.

Ух, ем спречивме кавга, ем ќе кркаме нешто вкусно!

Петок е... ден за Тавче гравче! (Туѓино Јабано)
За атер на традициите и култот што Македонците како нација го имаат кон ова јадење, но и за атер на многуте тетовчани во Канада, еве рецепт и за популарното Тавче гравче.

Потребни состојци:
- Тетовски грав
- Кромид
- Масло
- Брашно
- Црвени суви пиперки
- Сол
- Црн бибер
- Нане
- Магданос
- Лук (по желба)

Подготовка:
Измијте го гравот и сварете го. Внимавајте да не се развари (зрната треба да останат цели. Исцедете го (но не сосем, треба да остане малку вода), потоа додајте сол и малку пропржен ситно сецкан кромид со повеќе масло, во кој сте ставиле црвен пипер.
Вака приготвениот грав ставете го во тава (најдобро е земјена), залејте го со малку масло, посипете малку брашно, ситно исецкан магданос и нане и наредете неколку црвени суви пиперки. Додајте црн бибер и по желба неколку чешниња лук.
Вака приготвеното тавче ставете го во рерна да се пече.
Во летна сезона можете од горе да наредите по малку тркалца домати и зелени пиперки.

Неколку саати после јадењето, кога ќе почнат да се создаваат гасови (типично по употреба на мешункасти производи), запрашајте се дали има логика што гравот го сврстиле во т.н. културни растенија!!!

Мајсторе, десетка со кромид! (Туѓино Јабано)
Речиси секој од нас се обидел дома да направи ќебапи со ист вкус како оние од Старата Скопска Чаршија, но ретко кому тоа и му успева. Во што е тајната? Искусните мајстори велат дека најголемата тајна не е во зачините (како што многумина претпоставуваат), туку во изборот на месо.
Еве ви сега од Туѓино Јабано еден рецепт за убави ќебапи и сметаме дека вреди да се проба да се направат токму на следниов начин:

Потребни состојци:
- 400г. говедско месо (исклучиво плешка или врат)
- 200г. овчо месо (исклучиво плешка)
- 80г. зелени пиперки
- 80г. лук
- 12г. сол
- 2г. црн бибер
- половина китка магдонос.

Подготовка:
Месото убаво измијте го, расечете го на парчиња (отприлика 3х3см.) и смелете го во машина. Меленото месо мешајте го со раце 15-20 минути, со постепено додавање на зачините. Смесата потоа треба да се остави неколку саати, а потоа обликувајте го во форма на ќебапи.
Ќебапите се печат на скара на ќумур (претходно намачкана со сланина или масло) 4-7 минути, а доколку ги печете на електрична скара, тогаш печењето трае 10 минути. За време на печењето, ќебапите е доволно да се свртат само два пати.
Кога ќе бидат готови, пожелно е веднаш да се сервираат и тоа со ситно исецкан кромид и буковска сол. За оние гурмани кои што јадат луто, убаво е на скарата од страна да се испечат и лути пиперки.
Да не заборавиме да кажеме и дека најдобро е наместо со леб, ќебапите да се сервираат со лепињи (сомуни).

TJ-Hosting

Sutton

Форум ВОДЕНИЦА

Macedonian Cities

Barney's Web

Copyright © 2004-2012 TJ-Hosting --- Disclaimer - Privacy Policy --- Created, hosted and developed by TJ-Hosting